„Јакнење на придонесот и ефикасноста на граѓанските организации од женското претприемништво кон ЕУ интегративните реформи во областа на економската политика" WE-Contribute

Јакнење на придонесот и ефикасноста на граѓанските организации од женското претприемништво кон ЕУ интегративните реформи во областа на економската политика" WE-Contribute

“Прекрасно искуство кое донесе многу радост и гордост помеѓу сите вработени во нашата фабрика е добивањето на признание за Најиновативна средна компанија за 2019 година” – Јорданка Ристова, Директор на ВОРИ

 

Националниот натпревар „Иновативно претпријатие на годината“ е признание кое се доделува на иновативни македонски претпријатија кои успешно лансирале иновација во своето работење. Конкурсот има за цел да промовира успешни бизнис модели и достигнувања базирани на иновации и нови технологии од македонски компании во сите индустриски сектори. Во конкуренција на 31 компанија кои зедоа учество на националниот натпревар, беа одбрани најдобрите компании од три категории кои добија признание за успешност и парична награда од 200.000 денари, средства обезбедени од град Скопје.

Во категоријата најиновативна средна компанија, наградата ја понесе ВОРИ со иновацијата „Готови здрави оброци во мали стакленки“. Компанијата постои повеќе од 25 години на пазарот и има добиено бројни награди и признанија за својот асортиман на производи.

Во продолжение следува интервју со г-а Јорданка Ристова, Директор на ВОРИ

Кои услуги ги нуди вашата компанија?

Вори е семејна компанија основана во 1991 година. Наша главна дејност е производство  и преработка на овошје и зеленчук.  Произведуваме традиционални и автентични производи карактеристични за нашето поднебје, но развиваме и нови производни линии кои ги следат и задоволуваат светските трендови  на современо и здраво живеење. Произведуваме ајвар, ѓувеч, тавче гравче, рижото, доматни сосови, традиционални салати од зеленчук, традиционални слатка и секако  производите од нашата најнова производна линија “Вкусно и Природно”. Во оваа производна линија засега имаме 6 производи и тоа: киноа тропикана, киноа медитерана, киноа  и булгур мексикана и киноа  и кускус со сушени домати и семки од сончоглед и тиква. Се работи за 100% природни и здрави готови оброци преполни со витамини и минерали кои  досега  се подготвуваа само во домашни услови. Отсега за сите љубители на здрава и балансирана исхрана  достапни се за конзумирање во секое време и место – канцеларија, училиште, пикник.Што е тоа што ве прави препознатливи и ја издвојува вашата компанија од конкуренцијата?

Вори е најголем производител на ајвар во светот и целокупното наше производство може да се најде на пазарите во многу земји ширум  Европа. Барањата и критериумите  на овие маркети се многу високи и не е едноставно да се задоволат. Живееме во земја која изобилува со квалитетен зеленчук и овошје и тоа е силна основа но не и доволна. Кога на тоа ќе се додаде нашето долгогодишното искуство, континуираната надградба, едукација и посветеност  на вработените во извршувањето на секојдневните работните обврски, инвестициите кои се неминовен дел од развојниот процес,  како и стандардите за квалитет ИФС, Хасап, ИСО 22000, Халал, Веган и други, се издвојуваме како сериозен  партнер кој за себе зборува единствено  преку својата работа и своите дела.

Добитник сте на признание и награда за ,,Иновативно претпријатие на годината”, во категорија средна компанија на национален натпревар. Кои се вашите импресии од натпреварот и стекнатото признание?

За натпреварот ,,Иновативно претпријатие на годината” дознавме преку нашето здружение МАП и одлучивме да се пријавиме. Постапката беше едноставна и не ни одзеде премногу време. Имавме неколку комуникации со лицата задолжени за проектот кои многу професионално се однесуваа и во ниеден момент до завршната манифестација не ни открија дека токму ние сме избрани за најиновативна средна компанија за 2019 година. Прекрасно искуство кое донесе многу радост и гордост помеѓу сите вработени во нашата фабрика е добивањето на признание за Најиновативна средна компанија за 2019 година.

Кои се вашите мотив и инспирација за спроведување на иновација од ваков тип? 

Наша цел е да произведуваме храна која е здрава, корисна а истовремено и вкусна. Токму затоа ги направивме овие производи со цел во секое време да им бидат достапни   на сите луѓе  кои се грижат за себе и за своето здравје и кои ги знаат бенефитите од секојдневната консумација на здрава храна. Производите се многу практични, лесни и брзи за употреба. Можат да се јадат самостојно, да се додадат на најразлични свежи салати од овошје и зеленчук или да се користат како  вкусен прилог на секое јадење.

Кои се идните планови за вашата компанија? Што понатаму на полето на иновацијата која ја спроведувате?

Продолжуваме со исто темпо, дополнителни надградби, едукации и инвестиции бидејќи секогаш постои можност за подобрување на работењето. Многу е потешко да се пласираат иновативни производи во однос на стандардни производи кои потрошувачите веќе добро ги познаваат. Но ние сме компанија која сака предизвици и во истите гледа мотивација а не пречка. Ќе продолжиме да ја шириме продажната мрежа преку нови презентации и маркетинг активности, Б2Б средби, учество на саеми и слично.